
Гимназиите отсекогаш имале значајна улога во развојот на една земја, пред сè во подготвувањето на младите генерации во стручни и научни кадри.
Младите луѓе – учениците се продолжувачи на градењето и унапредувањето на општественото живеење. Основниот алат на учениците се книгите и знаењето. Само со книга и учење се просветлува иднината.
Појдовната основа на секоја образовна институција е вербата во способностите на наставниот кадар и сигурноста во остварувањето на целите и задачите. Воспитувањето и образованието на младите луѓе е императив за секој наставник во УЦ “Јосиф Јосифовски“.

Добриот наставник е лекција за ученикот. Поттикнат од наставната дејност на Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски во Предисловие кон “Утешение грешним“ вели: “едни учители со поучение, друзи милостивии со помошт, таквија человеци истина велим: оти сегде сут у спомен, и у похваление, и у всегдашно ублажение. Исто како тука на овој век споменот им ест вечен, тако и Господ наредуе им венци неотсипаниј, и сут наследници во царство небесное“.
Напоен со поуки од животот и принципи кои го надополнуваат кревкото општество, наставникот треба да биде исправен пред предизвиците, да го прифаќа новото и доволно да биде мудар да ги искористи своите искуства од минатото.
Наставникот треба да се вклопи во мозаикот од различни идеи и размисли на другите, да биде оригинален и инвентивен во изнаоѓањето решенија како да се презентира најдобро пред јавноста.
Добриот наставник е огледало на животот. Со искреното отворање на неговата душа, тој докажува дека во светот постои чесност и добрина, љубов и иднина. Само вистинскиот наставник ја ткае својата кариера како на разбој – нишка по нишка. Поврзаноста на конците е способноста да се воспостави комуникација со учениците, а комуникацијата ги раѓа најдобрите резултати огледани во задоволствата од наставниот процес.
Наставникот е жив збор на книгата, а книгата не може да се потроши, како што не може ни духот на наставникот да исчезне.

почеток
сите права се задржани. ©
СОУ "Јосиф
Јосифовски" 2004