Својот почеток СОУ „Јосиф Јосифовски“ го доживува во 1952 година кога неполната нижа гимназија со исто име прераснува во Полна (осумкласна) гимназија. Со работа започнува на 28. септември во ново-изградена зграда кај железничката станица во која учат трети, петти и еден шести клас. Во 1956/57 година доаѓа до трансформација на школскиот систем и Училиштето станува Виша гимназија со четири виши класа, додека нижите се приклучуваат кон ОУ „Владо Кантарџиев“.

Гимназијата не работи во 1959/60 година, а повторно продолжува со работа следната година како Економско училиште, сè до 1970/71 година. Во 1976 година извршено е интегрирање со Металското училиште „Ристо Поп-Ристов“ при што е формиран Училишниот центар за средно образование „Јосиф Јосифовски“ со 19 паралелки во гимназиска и 6 паралелки во металска насока.Според стопанските потреби следи отворање на електронасока во 1977/78 и угостителска насока во 1978/79 година. Гимназијата во 1982/83 година според новиот концепт се трансформира во Биотехничка и Културолошка гимназија.

Веќе во 1989 година во средното образование се воведува нова реформа со што се воведени струките: природно-математички техничар и информатички техничар, покрај веќе постоечките: културолошка, машинска и угостителско-туристичка струка во која освен образовните профили од III степен(готвач и келнер) е воведен образовен профил од IV степен (хотелско-туристички техничар).Подоцна се укинати економската и електро-струката, а гимназиската се трансформира така што природно-математичката струка стана природно-математичка гимназија, а учениците од културолошката насока се определија за општа гимназија. Во 1991 година се воведе завршен испит за учениците во завршните класови, а за учениците од гимназија матура која беше укината со воведување на насоченото образование. Во 1992 година се воведе приемен испит за запишување во средно образование.

Иновации гимназиското образование доживува во 2001/02 година кога се воведени изборните подрачја: општествено-хуманистичко, природно-математичко и јазично-уметничко подрачје. Приемниот испит во средно образование е укинат, а полагањето државна матура им овозможува на учениците да се запишат и на избраниот факултет без полагање приемен испит. Во 2006/07 година е повторно воведена економска струка, а во машинската струка нов образовен профил автотехничар-мехатроничар во 2009/10 година. Со вака поставена структура на образовни профили направен е обид да се одговори на потребите на пазарот на трудот, како и на желбите и интересите на младите луѓе, водејќи грижа за нивно ефективно вклучување во современите општествени настани и побарувања.