-
Забен техничар
Профилот Забен техничар низ четиригодишно образование стекнува знаења по општо-образовните и стручните предмети и практични умеења и вештини за изработка на:- тотални и парцијални акрилатни протези
- скелетираи парцијални протези
- едноделно леани протетички конструкции фасетирани со синтетски маси
- инлеи, онлеи и леани надградби
- соло коронки од метал керамика ( естетски коронки);
- се грижи за правилно чување и одржување на апаратите и инструментите
- администрирање, евидентирање и документирање на работни налози и материјали
Можности за вработување Образовниот профил забен техничар може да да ги извршува работните задачи во заботехнички лаборатории во рамките на стоматолошки ординации и клиники, претставништва кои се занимаваат со производство и продажба на заботехнички инструменти и материјали. Работата е одговорна, бара многу знаење, вешти раце, самостојност , концентрација и внимание.
-
Фармацевтски техничар
Низ четиригодишно образование учениците стекнуваат знаења по општообразовните, стручните предмети и практични умеења и вештини. Практичната настава започнува во втора година. Во склоп на практичната настава учениците се запознаваат со лековите кои ги изучуваат на теоретската настава.Преку практичната настава учениците се стекнуваат со следниве знаења:
- Работа со лабораториски прибор
- Подготовка на реагенси, раствори
- Пребарување и употреба на фармакопеа
- Идентификација, одредување на чистота на соединенија, како и нивна примена
- Изработка на магистрални препарати за надворешна употреба
- Сигнатура на препаратите
- Микроскопска и макроскопска идентификација на дроги и др.
-
Гинеколошко-акушерска сестра
Гинеколошко-акушерската сестра е здравствен работник кој применува општа и специјална здравствена нега во превентивни цели кај здрава женска популација, како и кај болни во дијагностички, терапевтски и рехабилитациони цели во примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита. Сите овие тераписки постапки се прoпишани и одобрени од страна на високо образован медицински работник (лекар, специјалист), а за тоа пополнува работна документација.
Таа учествува во планирање и организирање на работата во гинеколошкоакушерската установа и ги координира активностите со здравствениот тим, пациентот и семејството. Во системот на примарна здравствена заштита организира и спроведува систематски и превентивни прегледи, здравствена едукација како дел од здравствениот тим. Му асистира на гинекологот при извршување на гинеколошки преглед, дијагностички иследувања и спроведување на контрацепциони методи, додека пак во системот на секундарна и терциерна здравствена заштита, таа реализира дијагностички и тераписки манипулации.
Организира и спроведува процес на породување на пациентки, активно учествува во сите периоди на раѓање, ги следи и згрижува потребите на родилката и новороденото во пуерпериум. Учествува во специјална нега на пациентки при гинеколошки заболувања и стерилитет во медицинска установа.
Во својата работа требува, складира и аплицира крв, крвни деривати и медикаменти, зема биолошки материјал за дијагностика по налог на лекар. Покрај тоа, користи основна медицинска апаратура, медицински инструменти, завоен материјал, средства за лична заштита и заштита на пациентите и околината.
Составен дел од нејзината работа е организација и учество во здравствена едукација чија цел е чување, унапредување и заштита на здравјето на жената и детето, како и превенција и полесно справување со болести. Секогаш дејствува професионално во рамките на надлежностите, следејќи ги релевантните стандарди и важечките протоколи, но истовремено се стреми кон личен професионален развој. Има навремен, совесен и одговорен пристап кон пациентите и работи во рамките на насоките за доверливост. Ја заштитува животната средина со правилно селектирање и соодветно отстранување на медицински и немедицински отпад
-
Физиотерапевтски техничар
Физиотерапевти се здравствени работници кои применуваат кинезиотераписки и физикални постапки во превентивни цели кај здраво население, како и кај трауматизирани, ортопедски, ревматолошки, невролошки, интернистички хронични пациенти во
тераписки цели и рехабилитациони постапки, во примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита. Сите овие тераписки
постапки се пропишани од страна на лекар специјалист, дипломиран физиотерапевт.
Во нивната работа применуваат физикални третмани какви што се: термотераписки, хидро и термо процедури, хидрокинетички методи како и електро, соно, фото, магнето терапија кои се дел од терапијата или профилаксата. Во тој процес, физиотерапевтот се
грижи за општата состојба на пациентот, врши проверка пред, во тек и по терапијата, ја спроведува терапијата и се грижи за апаратурата. Покрај тоа, тој обезбедува рачна и апаратурна масажа за здравствени, фитнес и рехабилитациони цели. Физиотерапевтот реализира групни вежби во кинези сала за одредена болест или состојба и индивидуални вежби под надзор на член од здравствениот тим. Изведува основни антропометриски мерења, ги бележи и го следи напредокот на пациентот. Тој ја планира и организира работата во просторијата за медицинска рехабилитација и ги координира своите активности со здравствениот тим, ги подготвува соодветните апарати, инструменти, материјали и помошни средства за успешно спроведување на физикалната и кинезиотераписка процедура, ја проверува нивната исправност и ги отстранува помалите недостатоци.
Уредно и прецизно води медицинска документација и евиденција и обработува податоци. Организира и учествува во здравствена едукација преку давање упатства, инструкции и препораки на пациент за одредени хигиенско-диететски мерки во тек и по спроведување на терапија, вежби и масажа како и запознавање на пациентот со физиотераписки и кинезиотераписки процедури пропишани од физијатар;
Физиотерапевтскиот техничар работи ефикасно како дел од тим и во секое време, дејствува во рамките на должностите делегирани од страна на физијатарот или дипломираниот физиотерапевт и под негов надзор. Има навремен, совесен и одговорен пристап кон пациентите и работи во рамките на насоките за доверливост. Секогаш дејствува во рамките на надлежностите, следејќи ги релевантните стандарди и важечките протоколи, но истовремено е во можност да направи ревизија на својот начин на работа со цел да ги подобри своите знаења. Ја заштитува животната средина од негативните влијанија на искористените здравствени материјални средства.