22/06/2023 toni

Златка Петрова – првенец на генерација

Според Правилникот за избор и прогласување на ученик на генерацијата во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, Комисијата достави предлог, кој беше усвоен на Наставнички совет  така што ученичката Златка Петрова е избрана за првенец на генерацијата 2019-2023 год.

Класен раководител во текот на четиригодишното средно образование и беше професорката по биологија Лилјана Андонова.

Во текот на средното образование Златка Петрова имаше одличен континуиран успех, примерно поведение, активности во училиштето и локалната средина,  учество на натпревари, конкурси и манифестации, и други вонучилишни и хуманитарни активности,  освоени награди, признанија и пофалници.

Освен континуираното учество на натпреварите по хемија, математика, географија, физика и биологија (од кои би издвоиле прва награда по географија на регионален натпревар, како и две втори места по хемија регионален натпревар), ученичката има голем успех на државно и меѓународно ниво од областа на поезијата и прозата, под менторство на професорката Бисерка Макревска.

Од повеќето би ги истакнале следниве награди:

– III награда за најдобра поетска творба на Меѓународната поетска манифестација за деца и млади „Пролет на сребрените соништа“ 2020год.

– II награда за најдобра поетска творба „Кула во сонот“, на Државниот годишен конкурс на друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ -Струмица 2021год.

– Наградена поетска творба на Меѓународната манифестација „Охридски поетски бисер“ 2021 год.

Исто така, да го истакнеме и активното учество на: Меѓународниот книжевен конкурс „Рукописи 44“ 2021 год., учество на Меѓународна манифестација „Пролет на сребрените соништа“ 2021 год., Државниот конкурс за средношколски есеи при МСУ Св. Николе 2020,2021 и 2023 год. и учество на Меѓународна манифестација „Замокот на Дуино“ во Трст, Италија 2023 год., како и активното учество на Меѓународната Олимпијада по финансиска математика и актуарство ОФМА 2021 и ОФМА 2022 год. и уште многу други награди и признанија.