Професорките Марија Танева и Зорица Лешевска со учениците: Анастасија Танева, Сандра Шапкарова, Димитар Урумов, Стојанче Ристов, Анастазија Лешевска и Ивона Прошевска за проектот „Одгледување здрава храна-габата Буковка“ се наградени со 200 000 денари за реализација на овој проект.
Вкупно 19 основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик “Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.
Директорот на ФИТР Коста Петров рече дека со четвртиот предизвик за млади истражувачи, уште еднаш се потврдува дека во државата има голем број талентирани ученици на кои единствено им недостасува шанса да ги реализираат своите иновативни идеи.
„Во овие проекти ќе бидат вклучени околу 150 ученици и 38 ментори, а над 70% од наградените училишта се за прв пат поддржани од ФИТР. Особено ме гордее што таков пример се и училиштата од Охрид кои аплицираа за прв пат и воедно се и прворангирани во двете категории. За прв пат се наградени училишта од Зрновци, Гевгелија, Валандово, Ресен и Шуто Оризари.Она што охрабрува е дека младите покажаа висока еколошка свест, желба за истражување и тимска работа како и потреба да стекнат нови вештини“, рече директорот на ФИТР Коста Петров.
Наставниците кои ги предводат наградените тимови, за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во вкупен износ од 30.000 денари, која ќе можат да ја искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач и/или друг тип на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
При селекција на проектите, предност имаa проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.