10/02/2024 toni

ЗГОЛЕМЕН E ИНТЕРЕСОТ КАЈ УЧЕНИЦИТЕ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ ВО СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

Во организација на Општина Гевгелија и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, во Средноучилишниот центар, беше одржана работилница на тема: „Социјален дијалог за упис во средното образование на општинско ниво“. На средбата беа поканети и присуствуваа претставници и раководители од локални компании, директори на основните училишта, наставници, родители, како и претставници на општинската администрација од Одделението за образование во Општина Гевгелија.

Воведно обраќање на работилницата имаше директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, кој ја искажа својата благодарност за присуството на претставниците од бизнис-заедницата, како и за придонесот во креирањето образовни политики согласно потребите на пазарот на трудот во општина Гевгелија, процесот за успешната подготовка за уписот на ученици во средното образование за учебната 2024/2025 година и унапредување на средното стручно образование. Притоа, преку презентација сподели статистички податоци за бројот на запишани ученици во струките, при што беше констатирано дека интересот на учениците за средно стручно образование расте по воведувањето на дуалниот модел на стручно образование и учење низ пракса во СОУ „Јосиф Јосифовски“, во соработка со локалните компании. Исто така истакна дека СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија со понудата на разновидност на квалификации во стручното образование, динамични и модерни наставни програми, практична обука во компанија, овозможува здрава и сериозна основа за понатамошен успешен кариерен и личен развој на ученикот.

Стручното образование е цврсто поврзано со стопанството, пазарот на трудот и со други социјални системи. Со воведување стратешки промени во техничкото образование, неговото модернизирање мора да вклучи флексибилно и транспарентно ниво на образование засновано на принципите на доживотното учење, кое треба да одговара на индивидуалните потреби и потребите на пазарот на трудот на национално и локално ниво. Вака конципирано, техничкото образование треба да го поддржи општествено-економскиот развој, нудејќи им на сите запишани ученици, односно на сите поединци можност да стекнат знаења, вештини и компетенции неопходни за вршење работа, односно да се здобијат со квалификации потребни на пазарот на трудот, но и за продолжување на образованието. Тоа треба да го направи техничкото образование доволно отворено и флексибилно за да ги задоволува различните образовни потреби.

Во отворената расправа за унапредување на стручното образование, согласно потребите на пазарот на трудот во Гевгелија, од страна на претставниците на бизнис-секторот беше укажана потребата за воведување нови квалификации во секторот здравство и социјална заштита од делот на стоматологија и фармација.

Работилницата беше спроведена во рамки на Кампањата на Министерството за образование и наука: „Учи паметно, работи стручно“, која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.