17/09/2023 toni

Започна реализацијата на проектот CLOSE

CLOSE – Инклузивни образовни средини и социјално-емоционално учење преку филм“ e образовен проект во кој се вклучени 6 партнер институции од 4 земји, со фокус на поддршка на инклузијата во училишното образование со користење на филм за справување со дискриминација, промовирање на социјалното и емоционалното учење и поддршка на наставниците.

Првата меѓународна активност, обука за обучувачи за 30-тина наставници од Италија, Франција, Кипар и Македонија беше организирана во период од 4 до 7 септември 2023 година во Фиренца, Италија. На оваа обука од СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија присуствуваа тројца наставници, педагогот на училиштето и координаторот на проектот. Тие имаа можност да стекнат компетенции за користење на „Кинокит“ – нов сет алатки изработена во рамки на проектот, која ќе им биде достапна за користење на наставниот кадар. Преку споделување на добри практики од искусни професори се запизнаа со методологиите за инклузивно учење, анализа на филмови и уметноста на користење на филмот како едукативна алатка за промовирање на критичкото размислување и инклузивност.

Со помош на кинокитот и другите алатки наставниците може да промовираат инклузија, и недискриминаторски пристапи на иновативен и интерактивен начин, како во наставата, така и во секојдневната соработка со учениците преку филм. Содржините се погодни за многу дисциплини, вклучително и наука и математика, бидејќи преку изборот на соодветни филмови овозможуваат на пријатен начин да се истражат сложените општествени и културни ситуации, поттикнувајќи го интересот на учениците.

Следните активности опфаќаат обука наменета за наставници од основни и средни училишта за можностите за користење на овој иновативен наставен метод и новите дигитални достапни алатки. Започнуваме со тоа како да читаме филм, постепено истакнувајќи ги начините на кои се изразуваат содржините што треба да се истакнат за да се дојде до тоа како да се направи краток филм со група ученици и да се создаде сопствена претстава за ситуациите од интерес. Ќе следи работа во филмски лаборатории со ученици и наставеници, промовирање на изработените филмски дела. Најуспешните филмови од секоја земја ќе бидат промовирани на завршниот настан на проектот во рамки на меѓународен филмски фестивал во Фиренца, Италија во септември, 2025.