05/12/2023 toni

Средба на градоначалникот Сарамандов со младите кошаркари

Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари работна средба со раководството и членовите на новоформираниот Кошаркарски клуб „Гевгелија“- Гевгелија. Младите кошаркари од Гевгелија од кои дел се ученици во СОУ „Јосиф Јосифовски“ (Венко Јанчев, Андреј Ичев, Стефан Каркалашев, Јордан Кузманов, Александар Динев, Мартин Карајанов, Никола Најдоски и Ристе Букршлиев) беа предводени од претседателот на Клубот, Томе Дуев; спортскиот директор Зафир Чучанов и тренерот на екипата Мицко Алексовски.
На средбата, Градоначалникот Сарамандов им го честиташе успехот којшто го постигнаа изминатиот период- издвоени седум победи од седум натпревари и рангирањето на првото место од листата на кошаркарки клубови коишто се натпреваруваат во Третата македонска кошаркарска лига. Истакнувајќи ја неговата поддршка за обезбедување на услови спортот да биде на ниво за секој млад спортист.
Имено, формирањето на Кошаркарскиот клуб „Гевгелија“ има за цел создавање на млади спортисти, коишто ќе имаат можност да се усовршуваат и бидат врвни кошаркари, наследувајќи ги претходните гевгелиски генерации коишто го испишувале успехот во кошарката.