17/08/2022 toni

Образованието е носител на промените во општеството

Разговор со в.д. директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија Марија Танева

Кои се Вашите согледувања за средношколското образование во нашата општина?

Средношколското образование е еден многу битен сегмент од животот на нашите ученици, период кога созреваат во прекрасни млади индивидуи кои почнуваат сами до носат големи одлуки. Затоа многу треба да се посвети внимание на „понудата“, односно што ќе можат да изберат да учат идните средношколци. Исто така, средношколското образование треба да биде во корелација со потребите на пазарот на трудот во Општината. Континуирано треба да се прават анализи и истражувања и да се избира најдоброто за нив.

Кои се Ваши предизвици на функцијата директор на СОУ „Јосиф Јосифовски“?

Мора да си кажам дека самата функција в.д. директор на СОУ„Јосиф Јосифовски“ носи големи одговорности, бара посветеност и несебично вложување во реализацијата на работните активности. Сега ги согледувам реализациите на сите вклучени во воспитно-образовниот процес низ призма која ги дисперзира истите многу подетално. Би сакала сите девијации да се сложат и образовната дејност да светне како природната светлина. Предизвик ми е да се постигне тоа сложување и меѓусебна соработка меѓу сите релевантни фактори кои го унапредуваат образованието.

Кои аспекти од дејноста на Училиштето би ги подобриле или унапредиле?

Јас сум човек кој многу се потпира на логиката. Секогаш внимавам на каузалноста или причинско-последичната врска. Секоја промена треба претходно да се одмери и да се предвиди што ќе донесе во иднината. Сметам дека со добро испланирана стратегија може да се претпостават успешните резултати. Кон тоа, многу е важно да постои вистинска тимска соработка која секогаш ќе се унапредува на повисоко ниво. Колективната свест за заедничка добробит треба постојано да ја надоградуваме и усогласуваме.

Што е најзначајно за учениците и нивната подготовка за идна професија?

Најзначајно за учениците и нивната подготовка за идната професија, секако, прво е да откријат што најмногу им носи радост и задоволство. Да се пронајдат во тоа што би работеле во иднина, да го одберат вистинското образование и да ги впијат сите знаења што им ги нуди образовниот процес. Многу да истражуваат, да стекнат практични навики на успешни методи на учење, да сфатат дека за успешна професија и иднина воопшто треба многу да се вложат за сопствена едукација.

Кои препораки би им ги дале на учениците за секојдневието и за иднината?

На учениците секогаш им кажувам дека треба да бидат исполнителни во своите цели. Реализираната цел носи радост и успех. Интелигентните луѓе не се секогаш најуспешни, ами упорните личности. Да бидат настојчиви да си ги остварат идеите, плановите и соништата!

Исто така, важно е секогаш да се однесуваат рационално, паметно и воспитано како што ги учат родителите, но и ние наставниците. Да бидат хумани и да помагаат, да даруваат и со тоа да искусат дека поголема е радоста кога се дарува отколку кога се добива!

Едноставно, да внимаваат на своите афинитети и да ги надградуваат, а во исто време да бидат добри луѓе.