06/12/2020 toni

НИКОЈ НЕ ВЕЛИ ДЕКА Е ЛЕСНО И ЕДНОСТАВНО, НО СЕКОЈ ОД НАС СЕ СТЕКНУВА СО НОВИ ВИДИЦИ ВО РАБОТАТА

Помина месец и половина откако започна новата учебна година во училиштата во државата. Во средното образование наставата се одвива онлајн. За тоа како се одвива процесот на учење на далечина, како и за практичната настава, разговаравме со в.д. директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, Тони Аврамов

Преземено интервју од ТВ НОВА 12
Како се одвива онлајн наставата во училиштето?
Стартот на новата учебна 2020/2021 година СОУ „Јосиф Јосифовски“ го дочека подготвено. Во сите училници беа поставени компјутери и интернет така што процесот, но и текот на наставата се одвиваат без некои поголеми проблеми. Наставниот кадар беше успешно подготвен за новата интернет платформа од страна на училишните обучувачи, а учениците се вклучија во новиот начин на изведување на наставата.
Учениците коишто немаа уреди за следење на наставата добија од Училиштето. Десет компјутери добивме и од семејството Гелови, за што им упатуваме јавна благодарност.
Дали има некои проблеми со кои се соочувате во наставата?
Проблеми постојат секогаш. За сите нас оваа ситуација е нова и не може да се рече дека образовниот процес е ист како порано и дека нема нејаснотии. Сите се учиме на новините. Ова кратко искуство ни дава поттик да ги надминеме сите бариеири и препреки. Никој не може да каже дека е лесно и едноставно, но затоа секој може да се пофали со нови методи и техники за работа што ги стекнува сега, а кој ќе бидат од корист и за во иднина. Платформата која ја користиме нуди многу можности, но да не заборавиме дека во изминатиот период надлежните институции се погрижија наставниот материјал да им го предаваме на учениците, освен на часовите, и со дополнителните алатки како Едуино и електронските учебници.
Дали се почитуваат протоколите за работа во училиштето и колку наставниот кадар е заштитен и безбеден?
Протоколите се почитуваат, но се случува некои ситуации да ги решаваме во тек. Веќе од идната седмица ќе започнеме со нова организациона поставеност во однос на држењето на наставниот час. Досегашното искуство покажа дека се јавуваат делумни проблеми во поглед на почитување на протоколите, па одлучивме еден наставник да има една просторија која ќе ја користи самостојно додека има часови во денот.
Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ има и практичната настава. Како се одвива таа, во ова време на Ковид-19 ?
СОУ „Јосиф Јосифовски“ има практична настава, практична настава по СПИН-програмата и феријална практика. По укажување на Министерството за образоване и наука дел од праксата е прекината, еден дел се одвива со учење преку далечина и еден дел се изведува во претпријатија и фирми во Гевгелија.
Сега навистина не е време да ги изложуваме на ризик учениците, но и работодавачите така што според насоките поголем дел од праксата ќе се одвива следната година започнувајќи од месец јуни ако сè биде во ред и ако состојбата со Ковид се нормализира.
Дали сметате дека,професорите ќе успеат да обезбедат објективни оценки за учениците во првото тримесечје, па и на полугодие?
Објективноста некогаш е релативна работа. Јас верувам во способноста на наставниците и знам дека секој од нив максимално се вложува во остварување на оваа цел. Впрочем кој колку вложува толку добива, така што ако наставниот материјал успешно им е пренесен на учениците, во што не се сомневам, успешен, но и објективен ќе биде и резултатот.
Во овие месеци учењето не се сведува само на стекнување нови знаења од наставните предмети, туку и учениците, и ние учиме некои нови правила и принципи во животот кои сметам дека ја менуваат свеста на и во општеството.
На крајот на краиштата, она што е најважно е учениците да стекнат знаење. Оценката е сепак само бројка. Важно е да разговараме со децата, да им помогаме да останат во добро психичко здравје, за да можат да се носат со сè она што им се случува и што ќе им се случува. Учениците треба, во ова време-невреме, во нас, професорите да препознаат и свои пријатели, луѓе со кои можат да поразговараат за она што ги мачи или за проблемите со кои се соочуваат. Го учиме и она што не сме ни сонувале дека треба да го знаеме, но пак ќе кажам, ова е време на животни лекции кои можеби ќе нè направат подобри и посовесни луѓе.