25/11/2021 toni

Медиумска писменост во наставните програми

УСАИД во партнерство со IREX и Македонскиот институт за медиуми, го претставија новиот петгодишен проект за медиумска писменост „Младите размислуваат”. Во фокусот на овој проект е работата со младите со цел да се поттикнат да развијат вештини за критичко размислување и да научат како да ги препознаат проверените информации со што ќе изградат отпорност на дезинформации и ќе придонесат за градење активно и одговорно граѓанство водено од емпатија.

На настанот во хотелот „Александар Палас“ се обрати амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, директорот на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, Михајло Лахтов, министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи и директорката на МИМ, Билјана Петковска.

Беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу ИРЕКС, МИМ, Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието којшто ќе обезбеди основа за системска интеграција на медиумската писменост и критичкото размислување во наставните програми за основно и за средно образование во земјава.

Во рамки на „Деновите на медиумската писменост“, како што се најавува, оваа година членките на Мрежата за медиумска писменост ќе организираат низа активности на тема „Медиумската писменост за децата и младите“.