14/06/2023 toni

Дисеминација на проектот ТРЕНДОВИ ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА

Во просториите на угостителската сала во СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија се одржа дисеминацијата од проектот Трендови во автомобилската индустрија (Trends in automotive industry) реализиран преку Еразмус+ програмата.
Пред присутните професори, родители, ученици и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, се обрати директорката Марија Танева истакнувајќи дека преку престојот на учениците во земјите од Европската Унија овозможен од Еразмус+ програмата се создава поврзаност меѓу учениците во тимот, компензирање на идивидуалните слабости, подобрување на продуктивноста и конкурентноста и јакнење на нивниот потенцијал за активно учество во граѓанското општество. Исто така кај учениците се подобрува развојот на солидарноста и одржување на добри меѓучовечки односи.
Учениците од машинскиот сектор ги споделија стекнатите знаења и вештини од практичната обука во Р.Германија: професионални вештини, социјални и мултикултурни, интеграција во различни средини, одговорности, јазични подобрувања, конкурентност на пазарот на труд и други вештини и придобивки.
Во текот на дисеминацијата беше воспоставена видео врска со директорот од партнер организацијата од Германија г-дин Ахмет Киргин кој ги сподели заедничките искуства, како и поздравен говор за присутните од г-дин Хозе Мануел Луна од Валенсија, Шпанија (VET Erasmus+ Coordinator) со кој е договорена идна соработка.

 

СОУ „Јосиф Јосифовски“ континуирано ја продолжува соработката со Европски партнерски оганизации , преку проектите од Еразмус + програмата. Во рамките на проектот „Трендови во автомобилската индустрија “ во периодот од 18.04 до 02.05.2023, 14 ученици од квалификацијата машински техничар за моторни возила реализираа мобилност во Eсен, Р.Германија, под менторство на професорите Александар Делиџаков, Борче Нечевски и Ристо Диманчев кои учествуваа во размена на искуства и знаења (job shadowing), во соработка со партнерската организација за проектен менаџмент и консалтинг ПИНГВИН АКАДЕМИ од Келн-Германија.
Истите имаа можност да се запознаат со целосниот процес на производство на автомобили и да ги согледаат современите технологии на производство и примената на мехатрониката и роботиката како двигатели во автомобилската индустрија. Преку практична обука во сервиси за одржување и опслужување возила, учениците реализираа сервис на возила, користеа современ алат, го увидоа начинот на организација на работниот процес , а ние како наставници разменивме искуства во однос на поврзаноста на теоретската со практичната обука.

Преку реализацијата на овој проект од програмата Еразмус+ ја остваривме нашата мисија – теоретското знаење на ученикот да биде поткрепено со практична обука на работно место, кое придонесува за зголемување на компетенциите во рамки на квалификацијата и градење капацитети за интегрирање на ученикот во различни средини, особено во светот на работата и трудот.

 


Освен од стручен аспект, бенефитите од проектот се големи и во однос на можноста учениците да запознаат нова култура, да посетат дел од културните знаменитости во Есен, Дортмунд, Келн, Дизелдорф и Бон, а истите имаа можност да се запознаат со ученици од други европски училишта од Анкара и Валенсија.

https://www.canva.com/design/DAFkCvL7iGA/kaKtg7ev_H3BttwnxQ3UZA/view?utm_content=DAFkCvL7iGA&utm_campaign=share_your_design&utm_medium=link&utm_source=shareyourdesignpanel