17/05/2022 toni

НОВИНАРСКИ СПРИНТ: ДИНАМИЧНА ПРАКСА ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ ВО МЕДИУМИ

Под менторство на професорот Тони Аврамов мултимедијалната секција „Клуб Јоска“ влезе во четирите најдобро рангирани екипи од Републиката за вклучување во проектот „Младите размислуваат“ што го организира Институтот за комуникациски студии во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

ИКС ќе креира програма и ќе спроведе еднодневна медиумска лабораторија за подобрување на вештините на средношколците за медиумска продукција, зајакнување на нивното критичко размислување и изразување за различни прашања, како и за нивно ангажирање во (вон)наставните активности.

Медиумските лаборатории ќе бидат водени од реномирани новинари кои преку нивни практични совети ќе пренесат како навремено да се создаде привлечна и професионална медиумска содржина, кои се дневните рутини во новинарските редакции, но и кои се предизвиците со кои се соочуваат медиумските професионалци. Средношколците ќе ја разберат важноста на новинарството и ќе знаат како да ги користат медиумите и да ги пренесат сопствените мислења преку продуцирање на содржини наменети за млади луѓе.

По медиумската лабораторија, секој ученик ќе изработи  различен медиумски производ: мултимедијален производ, ТВ прилог, видео поткаст, видео за социјални медиуми и сл. Најдобрите четири труда ќе добијат едномесечна обука во некој од националните медиуми.

За време на праксата, практикантите ќе работат под менторство на новинари и ќе научат повеќе за продукцијата на вести и работата во новинарска редакција. Заедно со новинарот-ментор, ќе планираат и произведуваат новинарски содржини за млади што ќе се емитуваат на медиумот и на неговите социјални платформи.