Македонскиот институт за медиуми во соработка со СОУ „Јосиф Јосифовски“ организира пет работилници поврзани со активности за поттикнување и унапредување на медиумската и информациската писменост меѓу различни целни групи – ученици, новинари и уредници, граѓански активисти… Овие активности се дел од проектот „Зајакнување на медиумската писменост“ што го спроведува МИМ на иницијатива и во тесна соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје и со Канцеларијата на амбасадорот Дејвид Гир.
Во овие активности се опфатени 15 училишта за што организаторот МИМ доби одобрување од Бирото за развој на образованието. Предавачи се истакнати уредници и новинари кои долги години работат во професионалните медиуми во државава.
Од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија вклучени се 17 ученика кои работеа на следните теми:
- Визуелна писменост. Модулот се фокусира на тоа како сликите ја конструираат нашата перцепција за реалноста што нè опкружува.
- Медиумите и различностите. Овој модул ги насочи учениците кон критичко разбирање за тоа како разни медиумски форми (написи, наслови, видеа) и жанрови го формираат нашето разбирање за „другите“ (малцинства, ранливи групи, итн.).
- Верификација на информациите. Модулот има за цел да ја подигне свеста за можностите и ризиците што ги нудат новите медиуми, фокусирајќи се на критичко разбирање на изворите во информации, разликата помеѓу професионалното и „граѓанското новинарство“, употреба на социјални мрежи како извори на информации, дезинформациите, нивното потекло и последиците од проблемот.
- Онлајн безбедност. Модулот е со цел им помогне на учениците да научат како да се заштитат себеси кога користат Интернет, особено податоци како матичен број, бројот на банкарската сметка и адресите и лозинките за on-line услуги.
- Како функционираат медиумите. Mодулoт ја претстави работата на традиционалните и на интернет-медиумите, улогата на уредниците и на новинарите и начинот на кој се произведуваат вести.