13/08/2021 toni

Доделени дипломите на матурантите и прогласен ученикот на генерацијата

„ВИ ПОСАКУВАМЕ СЕКОГАШ ДА ВЕРУВАТЕ ВО СЕБЕ И ВАШИТЕ ВРЕДНОСТИ, СЕКОЈА ВАША ПОБЕДА ЌЕ БИДЕ НАША РАДОСТ“.

Во дворот на средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ се одржа свеченост по повод завршувањето на школувањето на уште една генерација на ученици од ова училиште.
Пред присутните ученици, професори и вработени, како и пред градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, најнапред се обрати директорот Тони Аврамов. Во своето излагање истакна дека во животот нема подобар или полош, во животот има помалку вреден или повеќе вреден, а изборот е личен. „Не сонувајте – туку совладувајте, не се колебајте – туку прифаќајте, животот сепак не е крстосница постојано да го менувате правецот, животот е патека по која треба да чекорите храбро и истрајно“, додаде директорот Аврамов.
Паричната награда на првенецот на генерацијата, Елена Брзилова, ја додели градоначалникот Сашо Поцков, кој при тоа, на сите ученици од генерацијата 2017-2021 им посака многу здравје, среќа и успеси во животот и во натамошното нивно школување.
Заблагодарувајќи се на ова високо признание, првенецот на генерацијата, Елена Брзилова најнапред рече дека и е чест што оваа награда ја добива во конкуренција на прекрасните и одлични свои другари и другарки, кои влегоа во потесниот избор. Од свое име, како и од името на целата оваа генерација матуранти таа им се заблагодари, најнапред на сите вработени во СОУ „Јосиф Јосифовски“, а особено на сите професори кои, како што кажа таа, за цело време се трудеа, не мотивираа и поддржуваа во нашето четиригодишно школување. Нека ова, истакна таа, биде почеток на остварување на сите наши идни планови. Затоа, сакам да ви порачам, рече Брзилова, секогаш во вашите животи да го пронајдете она што го сакате, да го пронајдете вистинскиот пат и секогаш да се стремите кон повисоки цели.
На крајот од обраќањата, во просториите на Училиштето, класните раководители им ги доделија дипломите на матурантите за завршеното средно образование.