Ученичката Ана Папалазова е избрана за првенец на генерацијата 2018-2022 г., врз основа на Правилникот за избор и прогласување на ученик на генерацијата во СОУ„Јосиф Јосифовски“ Гевгелија. Наградата на ученичката и’ ја додели директорката на гевгелиската гимназија Марија Танева.
Ана Папалазова, освен што постигнуваше континуиран одличен успех по сите наставни предмети, во текот на своето средно обравание учествуваше на 40-тина натпревари од различни области и има освоено над 30-тина награди. Покрај регионалните натпревари по математика, физика, биологија и хемија, од кои секогаш се враќаше со освоени награди (меѓу кои прва награда по физика, неколку втори места по математика, второ место по хемија), има учествувано и на многу државни и меѓународни натпревари, од кои би ги издвоиле:
- Прва награда на Државниот натпревар по биологија 2021;
- Златен медал на Интернационалниот математички предизвик IYMC 2019 и пласман во најдобрите 5% од натпреварувачите од цел свет;
- Златен и сребрен медал на меѓународната Олимпијада по финансиска математика и актуарство ОФМА 2021 и ОФМА 2022;
- Златен медал и прво место на Финалниот круг на Кенгур 2019;
- Први места на државниот математички натпревар ПИ-ДЕН 2021 и 2022; трета награда на Државниот напревар по биологија 2019 и уште многу други награди и пофалници.