20/04/2016

Поетско-музичка вечер „Пееме за Гевгелија“

Во рамки на празничната програма за 7-ми ноември – Денот на ослободување на Гевгелија, синоќа се одржа поетско-музичката вечер „Пееме за Гевгелија“ во организација на драмската група „Дон Кихот“ и Клуб „Јоска“ при СОУ„Јосиф Јосифовски“-Гевгелија.

 Манифестацијата се одржува по четврти пат и во неа учествуваа сегашни и некогашни ученици на СОУ„Јосиф Јосифовски“-Гевгелија. На овогодинешната манифестација се промовира книгата „Во срцето мое танцува младост,првата групна збирка поезија на учениците кои го негуваат убавиот пишан збор.

„Поетската книга „Во срцето мое танцува младост “ е прва од ваков вид, отпечатена во издаваштво на нашето училиште. Верувам дека таа ќе биде поттик за сите оние кои творат, охрабрување за сите оние кои своите мисли срамежливо ги чуваат во тетратките.Таа е доказ дека учениците знаат да го дадат првиот чекор, а нивните ментори се тие кои препознавајќи ги вредностите им даваат насоки и докажуваат дека заедничкиот труд секогаш вродува со плод.Во време кога сè помалку се пишува, во време кога можеби и сè помалку се чита, нашите ученици докажуваат дека сепак најголемата вредност треба да се бара во пишаниот збор, во книгата. СОУ „Јосиф Јосифовски“ секогаш ги поддржува учениците и нивните идеи, а оваа вчерашната промоција нека биде инспирација за сите оние кои имаат желба за творење и работа.Им честитам пред се на учениците , но и на нивните ментори и им посакувам и понатаму плодна работа и успешно творештво.“-рече на синоќешната манифестација директорот на СОУ„Јосиф Јосифовски“ г. Борче Нечевски.

На поетско-музичката вечер беа исто така доделени наградите од литературниот конкурс што го распиша Активот по македонски јазик и литература  при СОУ „Јосиф Јосифовски“ по повод општинскиот празник.