СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија активно учествуваше на вториот транснационален состанок во рамките на Erasmus+ проектот START DS – Smartphone as a Tool for an Active and Reflective Transition toward Digital School, кој се одржа во Пловдив, Бугарија.
Во текот на двата работни дена, партнерите од Италија, Бугарија, Северна Македонија, Полска и Ирска реализираа интензивна работна програма посветена на координација на активностите, следење на напредокот на проектот и планирање на следните фази од имплементацијата. Работните сесии беа насочени кон анализа на досегашните резултати од Работните пакети, презентација на реализираните активности во партнерските институции, подготовка на следните пилот активности и унапредување на соработката помеѓу партнерите.
Во рамките на состанокот беше реализирана и интерактивната активност „Treasure Hunt“, која беше организирана со цел тестирање и анализа на постоечки интерактивни апликации и дигитални алатки кои би можеле да се користат во образовниот процес.
Дополнително беше организирана и работилница посветена на идните активности и содржини што треба да бидат вклучени во понатамошниот развој на проектот, при што партнерите разменуваа идеи, искуства и предлози за подобрување на активностите поврзани со дигиталната благосостојба, социјално-емоционалното учење и одговорното користење на дигиталните технологии кај младите.
Во делот на Работниот пакет 3.1 беа презентирани реализираните активности во училиштата партнери и резултатите од примената на различни методологии за работа со ученици. Тимот на СОУ „Јосиф Јосифовски“ ги претстави искуствата од активностите реализирани во училиштето, со посебен осврт на споредбата помеѓу дигитални и недигитални наставни методи и нивното влијание врз мотивацијата, соработката и вклученоста на учениците во наставниот процес.
Како координатор на Работниот пакет 5 – Комуникација и дисеминација, СОУ „Јосиф Јосифовски“ презентираше извештај за реализираните активности во текот на претходната година, тековните активности и планираните идни чекори. Беа презентирани резултатите од досегашната промоција на проектот преку официјалната веб-страна и социјалните медиуми, статистики за досег и видливост, реализирани објави, како и идните активности насочени кон поголема вклученост на учениците, наставниците и пошироката јавност.
Состанокот во Пловдив претставуваше значаен чекор во понатамошното унапредување на соработката помеѓу партнерите и успешната реализација на проектните активности, со заедничка цел – создавање посвесна, побезбедна и поодговорна дигитална средина за младите.
Сите досегашни активности, резултати и новости поврзани со проектот START DS може да се следат на официјалната веб-страна на проектот:





