02/04/2025 toni

Возвратна посета на средношколците од Јабланица

Од 01.04 до 7.04.2025 година нашето училиште е домаќин на втората размена од проектот  RYCO Superschools, програма за училишна размена во WB6 ( шест држави од Западен Балкан) со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници.

СОУ “Јосиф Јосифовски” заедно со партнер училиштето СУ “Јабланица” од  Јабланица Босна и Херцеговина , учествуваа со заеднички проект  под наслов Be the change – Биди ти промената, на третиот објавен повик од фондацијата – RYCO Superschools ( РМКС – Супер училишта). Проектот беше избран меѓу 45те најдобри проекти од сите држави во Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија).

На првиот ден од посетата, гостите прво беа пречекани од директорот, Александар Делиџаков и останатите наставници и од стручните служби. Потоа ја посетија угостителската сала и кујната каде се запознаа со просторните капацитети кои се користат за пракса на учениците од угостителската струка.

Следно беше кабинетот од секторот Здравство, каде проследија кратка презентација за важноста на менталното и физичкото здравје. Учениците од профилите гинеколошко-акушерска сестра и физиотерапевт им демонстрираа на гостите неколку активности, мерење крвен притисок, аплицирање на инекции, масажи.

Во медиатеката гостите со нашите ученици ја погледнаа и видео презентацијата за нашето училиште, од првата отворена гимназија па се до денес.

На крајот од посетата гостите го посетија кабинетот од секторот Машинство, поточно за предметот Техничко цртање во Авто Кад каде нашите ученици ја демонстрираа техниката за изработка на цртежи во 2Д и 3Д форма со помош на програмата автокад.

Гостите заедно со нашите ученици како домаќини беа примени кај градоначалникот Андон Сарамандов. На средбата градоначалникот ги запозна со можностите кои ги нуди нашиот град, проектите кои се реализирани и оние кои се планираат. Посебно се осврна на соработката со општина Јабланица која повеќе од 40 години е збратимена со нашата општина и како уште повеќе да се продлабочи таа соработка.

Денешниот ден заврши со работилница под наслов Кој/а сум јас? – со која учениците преку дискусија во парови се запознаа со своите афинитети и интереси.

Во следните денови од размената се предвидени уште многу активности, посета на спомен обележја во градот, Националниот музеј и Амамот, посета на локална фабрика за производство на зеленчук и овошје, средби со членовите на Младинскиот совет и работилници со цел градење на меѓукултурен дијалог и соработка.

 

Обезбедено со финансиска поддршка на Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој.