05/12/2021 toni

Успешно реализиран проектот Hospitality and cooking training

Проектот “Обука за гостопримство и готвење” беше реализиран во периодот од 10.11.2021год. до 24.11.2021 година, во туристичкото место Метаморфозис, Р. Грција.

Проектот има за  цел усовршување на знаењата на учениците и стекнување на нови вештини за поголема конкурентност на пазарот на трудот како и  интернационализација на училиштето.

Во проектот учествуваа група од 30 ученици и 6 стручни наставници од угостителско – туристичка струка од СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија. Теоретскиот и практичниот дел од обуката, се одвиваше во просториите на хотелот “Голден Бич” како и на плажата пред самиот хотел.

Преку двонеделната практична настава учениците имаа можност да се стекнат со знаења и вештини за организацијата и менаџментот во ресторантското и угостителското работење во реални услови од секоја можна перспектива.

Првиот дел од проектот се состоеше од теоретски предавања на теми поврзани со влијанието на светската пандемија врз развојот на туризмот, имајки ја предвид кризната ситуација во која се наоѓа: Новите критериуми за патување условени од Ковид 19 и нивното влијание врз глобалната туристичка индустрија, Маркетинг стратегии во туризмот прилагодени на пост ковид состојбите, Како да го организираме туризмот во иднина,. Предавањата беа поткрепени со видео презентации од меѓународни конференции, на кои беа претставени активностите кои ги преземаат водечките туристички држави од делот на Југоисточна Азија и начините на кои се справуваат со новонастанатата неповолна ситуација во туризмот.

Предавач беше г-динот Димитрис Гиоумоукис, консултант од областа на туризмот и сопственик на патничка агенција од Солун.

Во вториот дел од проектот, учениците имаа теоретска и практична обука од областа на гастрономијата. Предавач беше г-динот Теодор Алексиу, бизнис консултант и претседател на Гастрономскиот клуб од Eпир и соработник во практичната настава професионалниот готвач Костас Геродимос.

Темите на обуката се однесуваа на: Историја на гастрономијата, Значењето на гастрономијата за развојот на туризмот, Гастрономијата како бизнис или професија која ја сакаме, Корисни трикови кои треба да ги знаеме за работа во ресторан, Корисни совети за одржлив развој на туристичката дестинација од аспект на гастрономијата.

Во практичниот дел од обуката, учениците учествуваа во подготовка на повеќе видови јадења од грчката кујна (грчка салата, салата ѕаѕики, пастицио,грчка пита гиро, колач портокалада, шпагети со ракчиња, поховани лигњи) , специјалитети од античката кујна (грчки лепчиња, салата од киноа, јагнешки котлети, свинско месо под вршник, античка баклава) дегустација на комплетно мени од јадења, подготвени со посебни техники од перидот на античките Грци.

За време на реализацијата на проектот беa посетени и неколку значајни културно- историски знаменитости кои претставуваат и туристичка понуда на регионот, како: античкитe градoви Олинтос и Стагира – родното место на Аристотел,  градовите Неа Мудања, Мармарис и Јерисос.

Проектот се реализираше според однапред утврдена програма и временски период. Беа запазени сите мерки и протоколи за заштита од Ковид 19 , немаше никакви препреки или недостатоци за време на реализацијата на проектот.

Нашите домаќини , ни ги дадоа сите неопходни услови за успешно да го реализаме проектот, за што сме им посебно благодарни.