24/06/2020 Goran Manev

II место на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија

Матурантите од СОУ Јосиф Јосифовски со освоено второ место на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија

Учениците од четврта година од СОУ Јосиф Јосифовски Гевгелија традиционално и оваа година земаа учество на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија организиран од Џуниор Ачивмент Македонија, а поддржан од Семос Едукација, Пакомак и УСАИД.

Тимот составен од учениците Душко Јанев, Никола Биков, Пепица Јованова, Ангелина Несторова и Слободанка Савиќ претставувајќи се под името SBF – Solar Bag For The Future, минувајќи низ двете фази на натпреварот со приготвен компаниски извештај, промоција на социјалните мрежи, мултимедијална презентација и интервју пред реномирана жири комисија од бизнис секторот успешно ја поминаа првата фаза и во финалниот натпревар го освоија високото второ место меѓу 10те пласирани ученички компании.

Учениците со својот проект искористувајќи ги ресурсите на планетата Земја и практично употребувајќи ги термоелектричните ефекти од областа на физиката не само што ги искажаа своите научни особини, туку се заложија да ја подигнат свеста кај помладите генерации и да ги поттикнат истите да креираат иновативни решенија за подобра иднина.

Покрај успехот на учениците, ова е голем успех и за нивните ментори Јасмина Мицева и Марија Танева, од областите на бизнисот и претприемништвото, како и физиката како природна наука.