02/05/2024 toni

Традиција која бележи 50-годишен јубилеј на збратимени училишта

Пет децении од првата средба во 1974 година на збратимените  СОУ “Јосиф Јосифовски” од Гевгелија и Техничкото училиште “Михајло Пупин” од Инџија. 50 години спомени. 50 години спој на генерации. 50 години мисија на соработка, блискост, гостопримливост, автентичност и оригиналност. Голема прослава на образованието и на влијанието на училиштата врз заедницата. Оваа прилика не само што ги одразува постигнувањата и придонесот на училиштата во образованието, туку и не поттикнува сите нас да продолжиме да го цениме и поддржуваме образованието како основа за развој и напредок.

Оваа значајна традиција на збратимување помеѓу училиштата е пример за успешна соработка, разбирање и пријателство што треба да се прославува, почитува и продолжи со исто темпо. Традицијата што ја негуваме е мостот помеѓу минатото и сегашноста. Многу приказни, фотографии, анегдоти, соработка и бројни пријателства се најубавите украси на овој мост.

Во текот на овие  50 години, збратимените училишта имаат остварено значаен напредок во подигнувањето на свеста за меѓународната соработка и сплотеност помеѓу учениците и наставниците. Оваа традиција не само што ги обогатува учениците со различни култури, обичаи и искуства, туку и ги поттикнува да ги разберат и ценат сличностите и разликите помеѓу истите.

Традицијата не е чување пепел, туку живи огнови на животно охрабрување и уверување дека нешто може и треба да трае, за да ја оправда својата цел и значење со генерации. Траен белег на едно постоење, непрекината врска на генерациите, наша сегашност и иднина. И надеж дека засекогаш така и ќе остане!

Нека оваа традиција продолжи да го воспламнува духот на пријателството, поддршката и меѓусебната почит во иднина.

Честитки по повод 50 години јубилеј на успешно збратимување и нека оваа врска продолжи да цвета и да расте  во иднина!