10/05/2026 toni

Стефан Младеновски освои прво место на МЕО и ќе ја претставува Македонија на Меѓународната економска олимпијада во Кина

На 30.04.2026 година, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се одржа четвртата Македонска економска олимпијада (МЕО) во организација на Сојузот на математичари на Македонија (СММ), како единствено акредитирано научно здружение за организирање на овој натпревар. Најдобрите ученици од првата селекција се пласираа во финалниот дел, каде ги одмерија знаењата од областа на економија, финансии, бизнис, како и примената на логичкото размислување и математичко-статистичките методи.

Најголем успех постигна ученикот Стефан Младеновски (III година) од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, под менторство на Јасмина Костова-Папалазова. Стефан освои прво место и златен медал, со што се пласира во тимот кој ќе ја претставува Македонија на Меѓународната економска олимпијада (IEO 2026), која ќе се одржи од 12 до 20 јули во Кина.

За Меѓународната економска олимпијада (IEO)

Меѓународната економска олимпијада е престижен натпревар за средношколци од целиот свет во областите економија, финансии и бизнис. На олимпијадата учествуваат национални тимови од повеќе од 70 држави, а натпреварот опфаќа индивидуален тест од економија и финансии, задачи со реални економски проблеми и тимски бизнис случај (business case). Организацијата е со седиште во Берн, Швајцарија, а нејзиниот советодавен одбор го сочинуваат врвни имиња, меѓу кои и нобеловците Eric Stark Maskin (професор по математика и економија на Харвард) и Kamer Daron Acemoğlu (професор по економија на МИТ). IEO е една од 15-те официјално признати меѓународни научни олимпијади.

Оваа година, под македонското знаме во Кина ќе се натпреваруваат:

  1. Стефан Младеновски – СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија
  2. Теа Ангелова – Меѓународно училиште „НОВА“, Скопје
  3. Оливера Џамбазова – СУГС „Орце Николов“, Скопје
  4. Георги Јаковлев – ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
  5. Ванеса Томова – ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје

Успеси на нашите ученици

Покрај златниот медал на Стефан, значаен успех постигна и ученикот Јован Оџаков (IV година), кој освои сребрен медал под менторство на Русица Атанасова и Софија Тошева-Раманчева. На државното првенство учествуваа и нашите ученици Дарко Ѓоргиев, Тони Танов (ментори Сашо Папалазов и Снежана Кичукова) и Трајче Панев (ментори Русица Атанасова и Софија Тошева-Раманчева), кои успешно ја поминаа првата селекција.

Упатуваме искрени честитки до сите ученици, ментори и до училиштето! На Стефан му посакуваме многу успех во Кина, достоинствено претставување и уште еден медал за Македонија!