12/05/2026 toni

НАЦИОНАЛЕН НАТПРЕВАР НА ВЕШТИНИ 2026

Со особена гордост и задоволство ве информираме дека СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија успешно го претстави училиштето на Националниот натпревар на вештини 2026, кој се одржа во СУГС „Партенија Зографски“ – Скопје, додека свеченото доделување на наградите се реализираше во АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје.

Настанот беше организиран од Занаетчиска комора Скопје со поддршка на Европската Унија и институциите од областа на стручното образование, а на истиот учествуваа 64 ученици од средните стручни училишта од целата држава, натпреварувајќи се во 15 различни стручни дисциплини.

Во организацијата и реализацијата на натпреварот беа вклучени повеќе средни стручни училишта од Скопје:
СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Партенија Зографски“
АСУЦ „Боро Петрушевски“ и СУГС „8 Септември“

Нашето училиште учествуваше во дисциплината „Дигитален маркетинг и е-трговија“, каде ученичката Кристина Самарџиева, ученичка во IV година од економската струка, покажа извонредна креативност, иновативност и професионален пристап.

Во рамки на натпреварувачката задача, Кристина изработи комплетна дигитална маркетинг кампања, која опфаќаше:

  • креирање маркетинг стратегија,
  • анализа на пазар и целна група,
  • планирање промоција преку социјални медиуми,
  • изработка на визуелни и промотивни содржини,
  • примена на елементи од е-трговија,
  • и професионална презентација пред стручна комисија.

Со својот сигурен настап, креативни идеи и одлична презентација, Кристина во силна конкуренција освои одлично 4 место на државно ниво.

Натпреварот се одвиваше во професионална и динамична атмосфера, преку практични задачи, презентации и демонстрации на реални вештини, а учениците имаа можност да ги покажат своите способности пред стручни комисии, компании и претставници од образовниот сектор. Во рамки на настанот беа организирани и изложбени штандови, презентации и активности за промоција на стручното образование и дуалниот модел на учење.

Ментор на ученичката беше професорката Снежана Кичукова, која со својата посветеност и поддршка придонесе за успешното претставување на училиштето на овој значаен национален натпревар.

Овој успех претставува уште една потврда за квалитетната работа, трудот и континуираниот развој на учениците и наставниот кадар во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија.