Во време кога трагичните настани нè потсетуваат колку е важно да зборуваме за насилството, неговото препознавање и спречување, училиштето има одговорност да биде простор во кој се учи не само за знаење, туку и за животните вредности. Стручната служба при нашето училиште реализира работилници со средношколците на тема „Љубовта, почитта и границите – препознавање и спречување на насилството во партнерските односи“. Преку отворен разговор, интерактивни активности и размена на мислења, учениците имаат можност да размислуваат за разликата меѓу љубовта и поседувањето, грижата и контролата, почитувањето и понижувањето. Нашата цел е да поттикнеме свесност дека: Љубомората не е доказ за љубов. Контролата не е грижа. Заканите не се начин на комуникација. Насилството никогаш не е оправдано, ниту вината е на жртвата. Секој има право на достоинство, лична слобода и безбедност. Понекогаш еден разговор може да отвори очи, една препознаена опасност да спречи насилство, а една подадена рака да направи огромна разлика. Да ги охрабриме младите да не молчат, да препознаваат, да реагираат и да побараат помош. Затоа што почитта се учи, емпатијата се гради, а ненасилството е вредност со која сите треба да живееме. Да градиме генерации во кои љубовта значи почит, слобода и сигурност!
ЉУБОВТА ТРЕБА ДА БИДЕ СИГУРНО МЕСТО, А НЕ ИЗВОР НА СТРАВ