29/04/2023 Goran Manev

Квиз на знаење-Кој знае, знае, кој не, ќе научи

Прво место-Лилјана Накова и Ѓорги Новаковски

Идејата да се реализира квиз со можност да учествуваат сите ученици на СОУ Јосиф Јосифовски се оствари, а впечатоците по одржаното финале со кое се заокружија 6 квиз-рунди се повеќе од одлични. Квизот со име „Кој знае, знае, кој не, ќе научи“ беше активност која се оствари без да биде предвидена ниту со годишната програма на училиштето, ниту со програмите на некој актив. Активноста беше испланирана и реализирана исклучиво од добри намери и ентузијазам на група професори.

Се пријавија и учествуваа 144 ученици кои посакаа да ги споредат своите знаења со знаењата на други ученици. Целта беше да се иницира активност која ќе биде забавна, но истовремено и поучна Долгогодишното искуство во наставата ни овозможи да осознаеме дека голем број ученици не го разбираат јазикот, не го разбираат значењето на голем број поими кои ги користиме во редовната настава. Затоа ги објавувавме прашањата и одговорите по секоја фаза од квизот, за да научат оние кои не знаеле. Планиравме да направиме квиз за следната учебна година, а ова да биде само проба. Нѐ изненади големиот одзив на учениците а успаеавме да го спроведеме без или со минимално губење од редовната настава.. Како и при реализацијата на секој поголем проект кој бара работа но и самоувереност дека се работи во добра насока, се прашувавме дали учениците имаат квалитетно поминато време на квизот. Одговорите на тие прашања лесно ги добивавме слушајќи ги и гледајќи ги како се смеат при отворањето на некои прашања и колку се сериозни кај потешките прашања, како се расправаат меѓу себе дали бабата се чеша или чешла додека селото гори и како на прсти ги пребројуваат и собираат непарните едноцифрени броеви. Она што за некои ученици беше нешто за кое никогаш не слушнале, за други беше општопозната работа. Како тим кој работеше на квизот работевме тимски, но задоволни сме затоа што видовме дека и учениците можат да научат и да практикуваат да работат тимски, односно во парови. Квизот бараше и даваше знаења од голем број области. Сметаме дека нема непотребни знаења. Ако мислите дека е бесполезно да знаете дека домашната мува има 6 нозе, прашајте биолог. Основна разлика помеѓу инсектите и други бубачки (пајаци, крлежи, скорпии) е бројот на нозе. Па ако некогаш ве касне или боцне некоја бубачка, треба „само“ да ја фатите, да ги преброите нозете и да му кажете на лекарот. Понатаму тој ќе знае кој лек ви треба.

И на крај секако, им честитаме на Лилјана Накова и Ѓорги Новаковски за победата и освојувањето на првото место во првото издание на овој квиз. Честитки и за второпласираните Илија Иванов и Љупчо Панов кои беа многу блиску и за само две прашања заостанаа зад победниците. Им благодариме на сите ученици кои учествуваа на квизот, на сите професори и ученици кои со свои прашања и идеи ги збогатија содржините на квизот. Благодарност до колегите по македонски јазик кои имаа голем удел и значајно помогнаа во корегирањето на прашањата на кои тоа им беше потребно. Благодарност до Директорката Марија Танева која безрезервно ја поддржа идејата и помогна во реализацијата на квизот. Благодарност до Училишниот одбор кој одобри средства за награди на учесниците во завршната фаза на квизот, поточно на сите полуфиналисти вкупно осум ученици. И благодарност до авто-школа „Прима“ која дополнително ги награди победниците на квизот, но и туристичка агенција Дори исто така која придонесе со награди за сите кои стигнаа до полуфиналето.

Се надеваме дека овој квиз, како активност која стимулира позитивни вредности кај младите, ќе стане традиција во деновите на патрониот празник на училиштето.

Од тимот за подготовка и реализација: Миле, Горан, Милан и Стефчо

p.s. До следниот циклус, сите 6 сесии може да ги гледате на
bit.ly/soujj-kviz-01