20/05/2020 Goran Manev

Честитка до матурантите

Почитувани матуранти,

Пред четири години дојдовте во нашето училиште да се стекнете со нови
знаења, кои не се цел, туку оружје во борбата со неукоста, ограниченоста, лагата,
површноста, оружје со кое ќе ги победувате предизвиците во животот.
Во овие четири години за кои не мислевте дека толку брзо ќе поминат, вие
растевте, созревавте, стекнувавте нови искуства, всушност вие откривавте нови
хоризонти се насочувавте во патеките на животот, а тој не беше секогаш лесен. Полн со
успеси и падови, угорници и удолници, но сепак единствен. Спомените кои ќе ги
носите од средношколските денови секогаш ќе останат со вас, тие се едни од
најубавите.
Пред вас се студентските денови, професионалните активности, формирање
семејство, со еден збор пред вас е ЖИВОТОТ!
Ништо не е подобро од удобен кревет во студено утро. Ништо, освен будењето
во големиот свет со огромни можности и вашиот придонес кон општеството со оглед
на тоа што сте способно, уникатно човечко суштество.
Верувајте во себе, инспирирајте ги луѓето околу вас и не престанувајте да ги
реализирате своите соништа, желби и замисли. Но не заборавајте ја мислата на
Аристотел дека најважно е да бидете луѓе со срце а „образованието на умот без
образование на срцето не е никакво образование“. До креативните идеи секогаш нека
биде топлината на вашето срце.
Новонастанатата ситуација со пандемијата нè спречи да го прославиме овој
многу значаен момент и ден и да ве испратиме онака како што тоа традиционално го
правиме. Но, заеднички ќе ги прославуваме сите ваши понатамошни успеси, бидејќи
СОУ Јосиф Јосифовски беше само една од вашите попатни станици.
Горди сме на вас за сите заеднички моменти што ги поминавме.
Од името на вработените во СОУ Јосиф Јосифовски ви го честитам
завршувањето на средното образование и ви посакувам успех во понатамошната
животна определба.

СОУ Јосиф Јосифовски
Директор
Цветан Нелоски