10/11/2026 toni

СОУ “Јосиф Јосифовски” Гевгелија во 10 најдобри СУПЕРУЧИЛИШТА во Македонија

На 9.11.2026 година, во Скопје по трет пат, се потпиша договорот за размена на ученици со Средното училиште “Јабланица” од Јабланица, БИХ, докажувајќи дека претходните две размени беа повеќе од успешни, и дека нашите ученици покажаа дека културните разлики ги спојуваат младите од регионот на Западен Балкан.

На свеченото потпишување во просториите на Europe House во Скопје, беа присутни Германскиот амбасадор во РСМ Петра Дрекслер, Амбасадорот на Европската Унија во РСМ Микалис Рокас, Директорот на ГИЗ Македонија  Маркус Делфс, Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, Државниот Секретар во МОН Елена Ивановска и Владимир Ѓоргиевски од RYCO Македонија.

Освен потпишувањето на договорите, се одржа презентација од страна на програмскиот офицер Дејан Ризински за успешните примери и практики од претходните размени. Следуваа и две панел дискусии, едната со наставниците – координатори и другата со ученици кои биле дел од размените. На панел дискусијата со координаторите се разговараше за начините на кои може овие успешни примери на интеркултурни размени да се воведат во нашиот образовен систем, додека кај учениците нашата ученичка Ана Кундурџиева, го сподели своето лично искуство од разманата и учеството на Младинскиот Камп кој се одржа во Златибор, РС во мај оваа година.

Размените на учениците ќе се реализираат во периодот од февруари до април 2027 година.

Целта и на овој проект е градење на мирот и помирувањето преку интеркултурни размени меѓу учениците и локалните заедници.

“Суперучилишта” e проект на Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO и е дел од програмата на мулти-донаторски проект, финансиран од Европската унија, Германското федерално министерство за економска соработка и развој, а имплементиран од GIZ заедно со RYCO.