Со завршувањето на Меѓународниот круг се заокружи овогодишното издание на Економската олимпијада 2026, на кое СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија имаше свој претставник и на највисокото, меѓународно ниво на натпреварувањето.
Нашиот ученик Стефан Младеновски, по освоеното прво место на државниот натпревар, обезбеди пласман во националниот тим и ја претставуваше нашата држава на Меѓународниот круг на Економската олимпијада, кој се одржа од 10 до 14 август 2026 година во International Olympic Academy во Ancient Olympia, Грција.
Според официјално објавените резултати, Стефан го освои 86. место со вкупно 120,4 поени, натпреварувајќи се со најуспешните млади економисти од земјите учеснички.
Особено значаен е континуитетот на неговите постигнувања. Стефан втора година по ред го освојува првото место на државно ниво, со што уште еднаш го потврди своето знаење, посветеност и интерес кон економијата.
Пред настапот на меѓународниот круг, како член на националниот тим, Стефан беше вклучен и во дополнителни интензивни подготвителни активности организирани со поддршка на Институтот за либерална алтернатива (ЛАИ) и Economic Fundamentals Initiative (EFI). Во рамките на Western Balkan Bootcamp, учениците имаа можност да ги продлабочат своите економски знаења преку предавања, дискусии, решавање економски проблеми и заедничко учење. Подготвителните сесии ги водеа проф. Tawni Hunt Ferrarini и проф. Joe Calhoun, коавтори на Common Sense Economics и експерти поврзани со Gus A. Stavros Center при Florida State University.
Стефан Младеновски учествуваше на Економската олимпијада под менторство на проф. Снежана Кичукова, а дополнителните подготовки организирани за националниот тим претставуваа значајна поддршка пред неговиот настап во меѓународна конкуренција.
Економската олимпијада е меѓународна образовна иницијатива насочена кон унапредување на економската и финансиската писменост кај младите, развивање на критичкото и аналитичкото размислување и примена на економските знаења при анализа на реални економски ситуации. Во нашата држава Олимпијадата се реализира преку Институтот за либерална алтернатива (ЛАИ), во рамките на меѓународната иницијатива поддржана од Economic Fundamentals Initiative (EFI).
Упатуваме искрени честитки до Стефан за постигнатиот резултат и за достоинственото претставување на СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија и нашата држава на меѓународно ниво.
Воедно, упатуваме благодарност до Институтот за либерална алтернатива (ЛАИ), Economic Fundamentals Initiative (EFI), професорите вклучени во подготовките на националниот тим и сите останати вклучени во организацијата и реализацијата на Економската олимпијада, за можноста младите да ги развиваат своите знаења, економската писменост и критичкото размислување и да ги претставуваат своите училишта и држави на меѓународно ниво.
Официјални резултати:






