На 13 февруари 2026 година се одржа регионалниот круг од натпреварот Економска олимпијада 2026, кој истовремено се реализираше во 20 градови низ државата.
На регионалниот натпревар учествуваа 464 средношколци од 61 училиште, додека во училишниот круг претходно беа вклучени вкупно 3.170 ученици од целата држава, што претставува рекордна бројка и јасен показател за зголемениот интерес кај младите за економијата и аналитичкото размислување.
Економската олимпијада е дел од меѓународен образовен проект кој се реализира во 13 земји. Натпреварот е инициран од Economic Fundamentals Initiative (EFI), се реализира во организација на Институтот за економско образование (INEV) од Чешка, а во Република Северна Македонија е организиран од Институтот за либерална алтернатива ЛАИ.
Со особена гордост информираме дека ученикот Јован Оџаков освои прво место на регионалниот натпревар.
Право на учество на државниот натпревар обезбедија учениците Стефан Младеновски, Ивана Ѓорбашлиева и Јелена Кнежевиќ.
Со своето знаење, одговорност и посветеност, училиштето достојно го претставија и Александар Делев, Ѓорги Спасов, Трајче Панев и Драгана Донова.
Учениците покажаа високо ниво на економска писменост, аналитичко размислување и компетентност, достојно претставувајќи го нашето училиште, под менторство на проф. Снежана Кичукова и проф. Софија Тошева-Раманчева.
Особено нѐ радува фактот што и минатата година ученик од нашето училиште освои прво место на државно ниво, со што СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија континуирано го потврдува својот квалитет и посветеност во областа на економското образование.
Овој успех претставува резултат на систематска и стратешка работа насочена кон развој на критичко размислување, економска писменост и поддршка на талентираните ученици.
Воедно, упатуваме благодарност до Институтот за либерална алтернатива (ЛАИ) за организацијата и континуираната поддршка на натпреварот, кој претставува значајна можност за унапредување на економската писменост и поттикнување на младите таленти во нашата држава.
Им честитаме на учениците и менторите за постигнатиот успех и им посакуваме многу успех на претстојниот државен натпревар и пласман во тимот кој ќе ја претставува државата на Меѓународната олимпијада.



