Учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија со хумана акција го одбележаа Светскиот ден на Црвен крст.
Со насмевка, ентузијазам и многу труд, учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија успешно реализираа хуманитарен проект по повод одбележувањето на Светскиот ден на Црвен крст. Во рамки на акцијата, тие организираа продажба на домашно подготвени палачинки, крофни, мафини и други слатки задоволства, на штанд поставен во училиштето.
Проектот, кој се одвиваше под менторство на Ристо Диманчев и со поддршка од училиштето и учениците: Марија Ѓоргиева, Матеја Саздова, Меланија Арнаудова, Ангела Петрова, Ѓорге Мицев, Елена Ристовска, Татјана Бикова, Антонија Миткова и Славица Гоцкова, имаше за цел да ја поттикне хуманоста, солидарноста и активизмот кај младите. Средствата собрани од продажбата беа донирани во Црвен крст, со што учениците уште еднаш докажаа дека младите можат да бидат двигатели на позитивни промени во општеството.
Целиот настан помина во пријатна атмосфера, со многу насмевки, дружба и слатки вкусови, а најголемата награда за сите беше свеста дека со мала акција може да се направи голема разлика. Оваа хуманитарна иницијатива претставува уште еден доказ дека СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија не е само образовна установа, туку и заедница која ги гради вредностите на човечноста, солидарноста и меѓусебната поддршка.







