На меѓународниот натпревар “Black sea fish festival” – рибен фестивал и гастрономски натпревар кој се одржа од 13 до 15 септември 2024 година во туристичкиот ресорт Мамаиа, близу градот Костанца, Република Романија, учениците од секторот Угостителство и туризам од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија постигнаа одличен разултат. На фестивалот учествуваа повеќе земји со презентации на своите национални кујни, како и приготвување на морска риба во индивидуална категорија на натпреварувачите од 15 до 25 години.
Во конкуренција од околу 90 натпреварувачи од Македонија, Романија, Србија, Турција и Словачка нашите ученички, Елена Тасевска и Сара Андонова под менторство на професорката Марина Калкова освоија златни медали, при што, Елена Тасевска беше прогласена и за севкупен победник на манифестацијата “Black sea fish festival” стекнувајќи се со титулата „The best junior shef“.
Голема благодарност до менаџментот на хотел „Фламинго“ – Гевгелија кои помогнаа во остварувањето на целокупната програма на проектот од подготовка до реализација. Соработката со бизнис секторот ја зголемува мотивацијата на нашите ученици за сопствено усовршување и нуди можност за избор на квалитетна идна работна сила која има вештини за специфични работни места. Со ваквиот начин на соработка, училиштето покажува дека учењето преку заедница и учењето преку проекти и работа им помага на учениците да се здобијат со вештини пред да се вработат.
СОУ„Јосиф Јосифовски“ со долгогодишна традиција на престижно работење го заслужува епитетот на успешност и како одговор на потребите и барањата на заедницата треба да продолжи со ист интензитет во освојување на нови хоризонти во секојдневниот предизвик – напредок и остварување на општото добро за сите наши ученици.
Како училиште со голем потенцијал, наш предизвик е изнаоѓање нови практики за унапредување и издигнување на нашата работа, со вклучување во разновидни проекти во контекст на образовните меѓународни програми за соработка и мобилност на учениците и наставниците.













