13/04/2025 toni

Патронен ден на СОУ Јосиф Јосифовски 2025

СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија го прослави својот патронен ден – 73 години од своето постоење. Во преполната сала на Народниот театар присутни беа и вработени и наставници од техничкото училиште „Михајло Пупин“ од збратимената Инџија.

Програмата беше збогатена со учеството на Училишниот хор кој изведе две композиции: An Irish Blessing – James Moore и Gagliarda – Baldassare Donatto, под менторство на професорот Илија Атанасов.

За развојот и идните стратегии и планови на училиштето зборуваше директорот на Училиштето  Александар Делиџаков, а свое обраќање имаше и Драгана Винчиќ Младеновиќ, директорка на ТШ „Михајло Пупин“ Инџија.

„Како и секое друго училиште, така и СОУ „Јосиф Јосифовски“ има предизвици, но со позитивните искуства од минатото, лесно ги надминува  и продолжува со успешното образование на следните генерации на ученици. Еден од главните предизвици во денешното време е постојаното менување на технологијата и брзиот развој на истата. Затоа, нашето училиште го зголемува квалитетот на образование преку професионално развивање на кадарот, ги прифаќа и имплементира најновите технологии за да ги подготви учениците да го развијат својот потенцијал за успешна кариера во иднина.

Иако училиштето е успешно, секогаш има место за подобрување. Треба да се работи и вложува во развивање на стратегии и акции за подобрување на наставниот процес, на вработените и на учениците, како и инвестирање во образовни технологии и иновации кои можат да го подобрат образованието во нашето училиште. Треба да се биде во тек со најновите трендови и истражувања во образованието и константно да се инвестира во свое професионално развивање и обучување. Исто така вклученоста на родителите, заедницата, локалната самоуправа, приватниот бизнис-сектор во различни активности се важен дел од успехот на училиштето“, – истакна во своето обраќање директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“.

За соработката, но и педесетгодишното соработување меѓу овие две училиште беше прикажан и краток филм со наслов: „50 Години пријателство“ под менторство на професорот Тони Аврамов

На манифестацијата беше изведена и театарската претстава „АДСКА МАШИНА“ на текст од Венко Андоновски, во изведба на Драмската група „Дон Кихот“, а во режија на професорката Даниела Џишева. Техничката обработка на аудио-визуелните елементи во претставата беше на професорот Тони Аврамов.

Во претставата учествуваа: Зоран Кундурџиев, Весна Делева,Костадин Узунов, Јована Дупарова, Андреј Димов, Бранко Проданов, Катерина Јовановска и Јован Грозданов, Силвестер Проле, Стефан Миленковиќ и Кристијан Петанчевски.

Техничка поддршка: Илија Маркудов, Петар Паласкаров, Марија Шуклева,Јована Мачукова, Борче Стевановски и Давид Кокочев.

Водители на манифестацијата беа: Весна Делева и Зоки Кундурџиев под менторство на професорката Александра Ќаева.

Манифестацијата се одржа во рамките на „Гевгелија – град на културата 2025“