17/04/2018 СОУ Јосиф Јосифовски

Почесна награда за СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија на Меѓународниот поетски фестивал „Замокот на Дуино“ 2018 во Трст, Р Италија

Светски поетски празник насловен како „Замокот на Дуино“ деновиве се одвива во Трст, Р Италија, организиран од Poesia e Sоlidarieta во соработка со Универзитетот на Трст, Департман за хуманистички науки, и Центарот за меѓународни студии и документирање на култура за млади.

Настанот вклучува бројни активности од областа на литературата и сликарството, во кои партиципираат учесници од голем број земји од светот.  На овој поетски фестивал му претходеше литературен конкурс, на тема „Куќа“,  во соработка со МОН на РМ, кој го оценуваше меѓународно жири составено од универзитетски професори од повеќе земји.

Учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, Атанас Атанасов и Сара Цицмиловиќ, под менторство на професорката Жаклина Атанасова и координатор на проектот професорката Александра Митровска конкурираа и добија почесно признание во категоријата училишни проекти за ученици до 16 години со збирката „Градина на мојата душа“.

За таа цел наградениот тим престојуваше во Трст, Р Италија, од 16.3. до 18.3.2018 г. Церемонијата на наградувањето се одржа на 17.3.2018г. во Хотел „Савој“ во Трст,  на која беа доделени почесните признанија на добитниците, меѓу кои и училишни тимови од Италија, Грција, Мексико, Јужноафриканска република, Кипар, Шпанија и др. Главниот збор, воедно и носител на организацијата на Фестивалот, го имаше професорката Габриела Валера која едновремено го образложи естетскиот аспект на наградените проекти, избрани во конкуренција од 2000 пристигнати дела.

Збирката „Градина на мојата душа“ е отпечатена на четири јазика: македонски, англиски, италијански и шпански, а преводите ги направија професорката Кристина Пренда, Валериа Феранте, Игор Џаманко и Бојана Петрова, а дизајнот го креираше Филип Димков.  Дел од своите песни учениците прочитаа на церемонијата на доделувањето на наградите, а своите поетски творби, заедно со други добитници, ги читаа на Плоштадот на Италијанското единство пред Градското собрание, настан организиран во чест на  Стивен Хокинг.

Централниот настан на Фестивалот се одржа во Замокот на Дуино (културно-историска знаменитост на градот Трст од 13 век), кој беше проследен со голема мeдиумска покриеност.

Учеството и присуството на овој значаен поетски настан го овозможи општина Гевгелија и градоначалникот  м-р Сашо Поцков.