07/12/2020 toni

Трето место за поетската творба на Златка Петрова

На поетска манифестација за деца и млади „ Пролет на сребрените соништа“ ученичката Златка Петрова под менторство на професорката Бисерка Макревска го освои третото место

„Пролетните сребрени соништа сонуваат во есен“

Соништа,

збор од седум букви,

навидум едноставен,

но, сепак,

збор со преголема тежина,

тежина на чувствата.

Соништата,

онаа најубавата,

најскриената,

најранливата,

недопирлива страна на личноста,

страна испишана со

зборовите на срцето,

мечтите на душата,

и раката на човекот,

страната на животот.

Човековите соништа,

неговиот магичен круг,

затворен за целиот свет.

Најтешко е да излезеш,

да излезеш од својот магичен круг,

да се разбудиш од соништата,

оние најубавите,

кои посакуваш да траат вечно,

но, за жал,

ништо во животот,

ништо не трае вечно,

ништо освен смртта…

Се разбудив,

се разбудив среде студенилото на есента,

животот ме разбуди,

ме разбуди од најубавиот сон,

најреалниот сон на светот,

сонот полн со многу љубов,

оној кој го живеев,

оној кој посакував да трае вечно,

моето детство.

Се разбудив,

моето детство заврши,

заврши во еден миг.

Пораснав,

пораснав тој кобен ден,

денот кога те изгубив,

денот кога ме напушти,

ме напушти засекогаш…

Со тебе,

заедно со тебе

замина и моето детство,

ти беше неговиот создател,

ти беше моето детство,

ти ми го подари

најубавото детство на светот.

Ти благодарам,

ти благодарам за се’,

што си дел од мене,

дел од моето срце,

дел од мојата душа.

Ти благодарам,

затоа што ми дозволи

да бидам дел од тебе,

да бидам твоето мало девојче,

девојчето со зелени очи

кое го сакаше безусловно,

и се’ уште го сакаш,

горе на небото,

во царството небесно.

Ти ќе живееш вечно,

ќе живееш во моето срце,

бидејќи моето срце е твојот дом,

твојот вечен дом.

Те сакам,

до небото и назад,

ангелу мој,

дедо мој.