02/03/2020 Goran Manev

Прва дисеминација на проектот „Стартап бизнис за млади претприемачи и обука за туризам и угостителство“

На 12.2.2020год. (среда) во СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија се одржа првата дисеминација на проектот „Стартап бизнис за млади претприемачи и обука за туризам и угостителство“ во рамки на програмата „Еразмус +“.

Проектот опфати двонеделна мобилност на 20 ученика од економско – правна и трговска струка во Даблин (Р Ирска ) и двонеделна мобилност на 25 ученика од угостителско-туристичка струка во Гран Канарија (Шпанија).

 

Целта на практичната обука во Република Ирска е учениците да се фокусираат на поттикнување на претприемничкиот дух, да научат да го применат моделот Лин Канвас како алатка за генерирање на бизнис идејата и да ја разберат улогата на технолошките аспекти при развивање на маркетинг стратегија.

Во рамки на  двонеделната практична настава учениците имаа можност да се стекнат со знаења и вештини за организацијата и менаџментот во ресторантското и угостителското работење во реални услови од секоја можна перспектива. Преку директна инволвираност во функционалното работење на ресторантските капацитети на партнер организацијата, учениците научија за  предизвиците на шпанската кујна и како да  ги применат европските стандарди во сферата на гастрономијата и туризмот.

Пред почетокот на дисeминацијата директорот на СОУ„Јосиф Јосифовски“-Гевгелија, Цветан Нелоски  ја истакна  целта на проектот и  позитивниот исход од интегрирањето на  стекнатите знаења на учениците  од сферата на дигиталниот маркетинг и претприемништвото , како и значењето на стекнатите вештини од гастрономскиот туризам за понатамошниот развој на општината во рамки на туризмот.

Пред присутните  професори, родители, ученици  и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија Тодор Ристов, учениците од економско-правната и трговска и угостителско-туристичка струка ги споделија стекнатите знаења и вештини од практичната обука во Ирска и Шпанија.

Концептот на дисеминацијата се состоеше од два дела. Во првиот дел се презентираа знаења за предностите од дигиталниот маркетинг,  значењето на методологијата на бизнис моделот Лин Канвас и маркетинг стратегиите при развој на малите и микро бизниси.

Трите бизнис тима на ученици имаа уникатна можност да ги презентираат своите бизнис идеи креирани по методологијата Лин Канвас и да ги убедат присутните лица во издржаноста на своите бизнис стратегии.

 

Во вториот дел на дисеминацијата  се презентираа стекнатите знаења за кулинарската уметност од Шпанија и најновите трендови во светот за подготовка на морска храна и пиајлоци.

Дисеминација заврши со поттикнување на присутните гости за инвестирање во идеите како најголем капитал , а воедно извор на иновација и клучен момент на сите човечки промени и прогрес.

Повеќе фотографии од дисиминацијата се достапни на фејсбук страната на проектот, достапна на следниот линк:

https://www.facebook.com/Project-Start-up-business-and-tourism-and-catering-training-110359930342391/