23/04/2021 toni

Поздравен говор по повод патрониот ден

В. Д. ДИРЕКТОРОТ ТОНИ АВРАМОВ УПАТИ ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД ПАТРОНИОТ ДЕН НА СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“

Почитувани,

Денешниот ден е многу поинаков од сите досегашни патрони денови на училиштето. Ако денес требаше со низа активности и манифестации да го одбележиме постоењето на нашето училиште, да им оддадеме признание и почит на оние што дале придонес за развојот на образованието, ние со право се посветуваме на зачувувањето на здравјето на учениците и вработените во СОУ „Јосиф Јосифовски“.

Годинава започнува одбележувањето на јубилејното седумдесетгодишно постоење на гимназиското образование, а тоа е симбол на опстојувањето и пребродувањето на сите предизвици што биле и постоеле во сите овие минати години. Нека јубилејот ни биде поттик да издржиме и да бидеме посилни, да докажеме дека секое зло со добро се победува.

Во изминатиот период започнавме со кампањата „Лидери на иднината“, ги повикавме нашите некогашни ученици да го споделат со јавноста своето задоволство од средношколските денови и ќе продолжиме во таа насока за да потсетиме дека минатото ни е исполнето со историја вредна за почит, а иднината предизвик кој ќе нè научи дека можеме и повеќе и подобро.

Ние градиме здрава иднина со нашите знаења и умеења, со принципите на општеството кое го надополнуваат не само ученичкото портфолио туку и нашето. Наставниот кадар во СОУ „Јосиф Јосифовски“ ја има привилегијата да му се приклучи на современото општество, но и да биде креатор и реформатор.

Следејќи ги барањата современото општество  од следната учебна година сме побогати за уште еден нов образовен профил, а тоа е здравствената струка. Од идната година  започнуваме интензивна соработка со приватниот сектор од регионот. Нашите ученици ќе бидат директни чинители во производниот процес во повеќе компании кои ја отворија вратата за соработка.

Времето ќе донесе уште многу промен, уште многу предизвици, но денес, денес празнуваме.

НЕКА НИ Е ЗА МНОГУ ГОДИНИ ДЕНОТ. ЧЕСТИТ ПРАЗНИК!