19/05/2021 toni

Поздравен говор до матурантите

Почитувани матуранти,

испишавте уште една страница од романот наречен живот. Ја искачивте планината наречена средно образование. Но овде не завршува предизвикот. Планинарот по освоениот врв размислува за нови врвови, писателот за нови романи. Пред вас се отвора бескрајно пространство на иднината. Ние ви дадовме крилја и ви го покажавме патот, а предизвикот е ваш. Вие сте оние кои треба широко да ги отворите крилјата и да се вивнете кон вашиот сон. Не велам дека нема да паѓате. Паѓа оној кој  полетал, оној кој се обидел, како галебот Џонатан Ливингстон. Важно е да се исправите и да продолжите понатаму. Целта ве очекува.

Генерацијо 2017/2021, вие го положивте испитот на зрелоста. Во услови на пандемија, кога целиот свет мораше да се прилагодува на новонастанатата состојба, вие загубивте многу: Наставно-научна екскурзија, Матурска вечер, дружење и забава, спомени од последни денови поминати во училишните клупи. Но сфативте дека во едно подобро време може да се организира и екскурзија и матурска вечер, она што не може да  се врати е човечкиот живот.

На крај сакам да ви кажам дека бевте генерација за пофалба, некои повеќе, некои можеби помалку, но сите на некој начин вредни, одговорни, послушни и успешни. Се надевам дека нашите професори ви помогнаа подготвени и самоуверени да зачекорите по  патеките што водат кон  високо образование, професионални ангажмани и нови работни места.

Во мое име и во името на професорите во СОУ,,Јосиф Јосифовски“, ви посакувам здравје, среќа во животот и успех во понатамошното образование. И не заборавајте:

Младоста е пролет на една личност, во која се сее семе за идните години од животот.

Ви посакугвам успешно патување во животот!