СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија со свечена академија го одбележа својот Патронен празник и 70-годишен јубилеј од постоењето на Училиштето. На свечената манифестација, присустуваа: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; членови на Советот на Општина Гевгелија; директори на гевгелиските училишта; поканети гости; професори; родители и ученици.
Манифестацијата ја отвори директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, поздравувајќи ги присутните гости во нејзиното обраќање и честитајќи ги двата празника на Училиштето:
– СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија е пример за успешно училиште кое гордо стои чекор напред во иновативниот воспитно- образовен процес, училиште во кое за време од 70 години образование многу ученици успеале да ги постигнат своите цели, да стекнат знаења, вештини и вредности и така подготвени да се вклучат во општеството и да го збогатат со своите таленти и способности. Стручната подготовка која ја добиваат во средното образование, искуствата кои ги стекнуваат преку учества во наставни и воннаставни активности, им овозможува полесен пристап на пазарат на трудот, кој препознава квалитет и знаење, а бара исполнување на соодветни практики. Оспособувањето на учениците во соодветните области кои тие ги избрале го детерминра нивниот пат до создавање на успешни кариери. За тоа сведочат многубројните успеси на нашите ученици. Ова покажува дека Училиштето 70 години има значаен придонес во развојот на заедницата и нацијата во целост.
Секако, наставниот кадар во СОУ„Јосиф Јосифовски“ има клучна улога во образованието, бидејќи нашите наставниците не само што им пренесуваат знаења на своите ученици, туку и ги инспирираат, мотивираат и поддржуваат учениците во нивните напори за учење и развој, а преку различните активности и проекти ги поттикнуваат да развијат критичко мислење, креативност, одговорност, дисциплина и тимски дух. Се гордееме со нашите достигнувања, но во исто време се обидуваме и да пронајдеме начини за уште повеќе мотивација, уште посилна желба и поддршка да се постигне уште повеќе и да се стигне уште „подалеку“. Нека ни е честит патрониот празник на Училиштето , нека не радуваат нови предизвици, успеси и достигнувања, истакна Танева.
Во Програмата за одбележување на Патрониот празник и 70-годишниот јубилеј учествуваа учениците, подготвени од своите професори со рецитации и музички точки. Пред присутните гости, беше изведена песната „Тешкото“ од Блаже Конески со адаптиран перформанс од орото „Тешкото“ од страна на членовите на Ансамблот „Бојмија“. На манифестацијата беше претставена и изложбата од ученици од ликовната секција под менторство на професорката Розета Картова.