05/02/2023 toni

Одржана форум театарска претстава на тема против врсничкото насилство

Во големата сала на Народниот театар во Гевгелија се одржа форум-театарската претстава од проектот „Врснички форум театар против насилство во училиштата“, во организација на ЗГ „Од станица до граница“и на ЗГ „Рубикон“, а во изведба на ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“ и основните училишта од Гевгелија.
На интерактивната претстава присуствуваа повеќе од 350 граѓани, ученици, наставници и претставници од институциите во Општина Гевгелија кои се занимаваат со овој проблем. Пред публиката беа одиграни четири драмски етиди, подготвени од учениците од сите училишта од Гевгелија, кои првпат заеднички настапуваат на театарските штици. Вклученоста на сите училишта докажа дека проектот ја оправдува својата цел – третирањето на проблемот со врсничкото насилство во училиштата и постапувањето при ваквите случаи. Младите докажаа дека реагираат на ситуации кои настануваат во нивното опкружување, а тоа го манифестираа со тоа што присутни од публиката одлучно ги заменија улогите со актерите и покажаа добри примери кои можат да ги подобрат несаканите ситуации.
Следните проектни активности се насочени кон едукација на сите ученици од основните училишта и средношколскиот центар од Гевгелија. Вкупно 70 наставни часа ќе се искористат за едукативни работилници на тема врсничко насилство.
Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен балкан 2 – ReLOaD2 Regional Programme on Local Democracy in the Western Balkans, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ) Delegation of the European Union, Skopje, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП UNDP MK. Имплементацијата на проектот е поддржана и од Општина Гевгелија.