25/03/2021 toni

Младинска иницијатива за разубавување на градскиот парк во Гевгелија

Во рамките на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, 15 ученика од СОУ „Јосиф Јосифовски“, ООУ„Владо Кантарџиев“, и ООУ„Крсте Мисирков“ одржаа работилница со Македонскиот центар за граѓанско образование и Младинскиот образовен форум со раководителите на Одделенијата за образование и социјална, здравствена, детска заштита и други заштити, спорт и култура при Општина Гевгелија. На работилницата учениците ги презентираа своите идеи за реализација на младинска акција за разубавување на градскиот парк во близина на железничката станица.
Со оглед на пандемијата од КОВИД-19, акцијата за разубавување на градскиот парк доби предност на листата, на која беа утврдени три приоритети за подобрување на начинот на живеење во Гевгелија. Како приоритети, покрај разубавување на градскиот парк, беа издвоени и акција за подобрување на условите во Дневниот центар за лица со посебни потреби и создавање Младински центар во Гевгелија.
Идејата на 15-тината ученици од гевгелиските училишта за разубавување на градскиот парк ја поддржаа претставниците од Општина Гевгелија, МЦГО и МОФ. Предвидено е модернизирање на паркот преку поставување улична библиотека од каде граѓаните слободно ќе можат да оставаат и разменуваат книги, хортикултурно уредување, доопремување со урбана опрема и реквизити за деца и ново осветлување. Со цел, сите генерации да имаат место каде ќе поминат дел од своето слободно време во дружење, релаксирање и забава.