16/12/2022 toni

Гевгелиските ученици ќе креираат видеоприказни и театарска претстава за врсничкото насилство

Во рамките на проектот „Врснички форум театар против насилство во училиштата“ беше реализиран дводневен камп со вкупно 30 ученици од основните училишта и средното училиште од општина Гевгелија.

На работилниците учениците на креативен и безбеден начин имаа можност слободно да зборуваат за нивните потреби и проблеми. Преку игра на улоги ја претставуваа фактичката состојба во нивната средина поврзана со темата за врсничкото насилство, поттикнувајќи емпатија и одговорност кај секого.

Преку дискусија и нудење различни пристапи во конфликтните ситуации учениците имаа можност да учат едни од други на искуствен начин. Целта на работилниците беше поттикнување индивидуална и создавање проактивни личности кои ќе може да врши влијание во средината каде живее и се движи.

На овие работилници се работеше и на создавање на четири сценарија кои подоцна треба да се претворат во видеоприказни и една театарска претстава што е следна цел на проектот.

Работилниците беа изведени во хотелот „Истатов“ во Нов Дојран.

Проектот е одобрен од  „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2)”, финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Гевгелија. Истиот ќе го имплементираат здруженијата „Од станица до граница“ и „Рубикон“.