13/12/2018 Goran Manev

Еразмус+: Практична обука во Јанина

Во рамки на проектот „ Дигитален маркетинг и готварство“  опфатена е  и двонеделна мобилност на 13 ученика од угостителско-туристичка струка во Јанина ( Р Грција ).

Партнер организацијата „Оберон“ е приватна компанија  со долгогогодишно искуство во проекти на ЕУ и деловно консултанство, претставена преку Теодор Алексиоу, кој воедно е и претседател на гастрономското друштво на Епир. Како посветен обучувач и образовен менаџер со проекти од сферата на туризмот и угостителството на меѓународно рамниште, тој е награден од ОЕЦД и ОН во категоријата за симулирање идеи и иновативно лице.

Целта на мобилноста е учениците да се стекнат со знаење за традиционална кујна од областа Епир и учениците да научат за примената на дигиталните технологии во сферата на готварството и гастрономијата.

Практичната настава ги интегрира следните модули: структура на месо, риба и зеленчук, декорација на маса и стилизирање на храна, традиционална грчка кујна, нутритивни вредности на храна и однесување на потрошувачот во индустријата на храна и туризмот.

Учениците имаа уникатна можност да бидат дел од практични часови на врвни гастрономи и професионални готвачи кои опфатија усовршување на техники за сечење,традиционални методи на приготвување на месо, риба и зеленчук, анализирање на нутритивните вредности на суровините при различни техники на готвење, методи, комбинирање на различни состојки за подобрување на вкус, гравирање на зеленчук и овошје.

 

Преку интерактивни работилници учениците се стекнаа со знаење за поврзаноста меѓу дигиталниот маркетинг и готварството и неговата улога во туристичкиот бизнис и угостителството преку успешни примери од таа сфера.

Студиските посети на успешни локални бизниси од кулинарството и угостителството и интерактивните предавања придонесоа учениците да се запознаат со предизвиците на локалните бизниси и  да го  збогатат своето знаење за креирање маркетинг стратегија за бизнис од сферата на угостителството.

Практичната настава се одвиваше во прекрасниот екстериер на музејот Силверсмит музеј ( музеј на сребренарија ), селцето Петралона, езерцето Зарабина.

Учењето преку искуство и готвење во надворешно амбиентални услови овозможи учениците да се стекнат со знаење за кулинарската уметност и најновите трендови во светот за подготовка на месо, риба и зеленчук на методите како танур печка, подготовка на јагнешко месо на традиционален начин познат како клефтико и подготовка на традиционален божиќен десерт и  леден сладолед или сорбет.