06/10/2016 Goran Manev

Филмот „Граници“ награден во Њујорк

Филмот „Граници“ (Borders), што го снимија средношколците од Младинскиот клуб „Јоска“ при СОУ „Јосиф Јосифовски “ -Гевгелија Филип Аблаков, Матеј Аврамов, Стефан Шапкарев, Сретен Илиев и Лазе Раманчев под менторство на професорот Тони Аврамов освои две меѓународни награди на Интернационалниот видеофестивал „Плурал +“ во Њујорк. Имено, станува збор за наградите „Плурал + Балкан“, како и наградата на меѓународната мрежа „Скалабрини“. Филмот во конкуренција на 400 филма, влезе во 30 најдобри, во категоријата на младинци од 13 до 17 години. Фестивалот е поддржан од Алијанската на цивилизациите на Обединетите Нации и од Меѓународната организација за миграции.

Филмот „Граници“ за потребите на фестивалот е изработен на англиски јазик и обработува тема од бегалската криза и ситуацијата на децата бегалци во услови на мигрирање. Филмот го доби правото наредната година да учествува на меѓународниот проект „Danube Peace Boat 2017“ и на „Peace Literacy project“ и „Danube Waves Art Academy“.

PLURAL + е заедничка иницијатива помеѓу Алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации и Меѓународната организација за миграции, со мрежа од над 50 партнерски организации кои ги поддржуваат напорите на креативните млади луѓе и дистрибуцијата на нивните видеа од целиот свет.