
ПЕДЕСЕТГОДИШЕН РАСТЕЖ
Во Гевгелија
неполната (нижа) гимназија „Јосиф Јосифовски“ со решение на Советот за
просвета, наука и култура при Владата на НР Македонија, на 7 јули 1952
година прерасна во Полна (осумкласна) гимназија. Оваа одлука народот од
Гевгелија и гевгелискиот крај ја прифати со огромно воодушевување и радост. Првпат
во културно - образовната историја градот Гевгелија се здоби со ваква
значајна институција.
Со
невиден ентузијазам, во рекорден рок од неполни четири месеца, со доброволни
акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани изградена е
новата гимназиска зграда во близината на Железничката станица.
Новоизградената гимназија во присуство на голем број граѓани свечено е
предадена во употреба на 28 септември 1952 година со трети, петти и еден
шести клас.
Во учебната
1956-57 година дојде до трансформација на школскиот систем во Републиката.
Нашето училиште од Полна, стана Виша гимназија „Јосиф Јосифовски“,
задржувајќи ги горните четири класа, а нижите се приклучија кон Основното
училиште „Владо Кантарџиев“.
Гимназијата
престана да работи во учебната 1959-60 година само една година, а се оформи
Економско училиште, кое работеше до 1970-71 година.Гимназијата повторно се
отвори во учебната 1960-61 година и оттогаш работи сè до денес.
На 1.01. 1976
година со интегрирањето на Гимназијата со Металското училиште „Ристо Поп -
Ристов“, формиран е Училишниот центар за средно образование „Јосиф
Јосифовски“ со 19 гимназиски паралелки и 6 паралелки металска насока.Подоцна
за потребите на гевгелиското стопанство и за развојот на регионот беа
отворени и нови насоки.Во учебната 1977-78 година беше отворена електро
насоката, а во учебната 1978-79 година угостителско-туристичката насока.Во
училишниот центар беа застапени повеќе образовни профили и тоа:
металостругари, бравари, машинобравари, радиотелевизиски механичари,
електроинсталатери, готвачи и келнери, профили од III степен и IV степен
машински техничари и електротехничари за слаба и силна струја. Од учебната
1982-83 година Гимназијата се трансформира според новиот концепт во
Биотехничка и Културолошка гимназија.Повторно се воведе економската струка,
па така во заедничките образовни основи во I и II година се реализирани 8
изборни програми, а во III и IV година - 6 струки.Во рамките на овие струки
беа застапени 8 образовни профили од III степен и 6 образовни профили од IV
степен.

Во 1989 година
во средното образование во Македонија се воведе нова реформа. Според овој
преобразен концепт, средното образование се трансформира во гимназиски
струки и стручни училишта. Во Училишниот центар беа воведени следните
струки: природно-математички техничар и информатички техничар, а беа
задржани културолошката, машинската и угостителско-туристичката струка. Во
угостителско-туристичката струка, покрај постојните образовни профили од III
степен (готвач и келнер) се воведе и нов образовен профил од IV степен -
хотелско-туристички техничар.
Со новиот образовен концепт се
укинаа економската и електро струката.
Гимназиските
струки претрпеа нова трансформација: учениците од природно-математичката
струка се определија за природно-математичка гимназија, а учениците од
културолошката струка за општа гимназија. На тој начин Училишниот центар ја
имаше следната структура: природно-математичка и општа гимназија, машинска и
угостителско-туристичка струка.
Во учебната
1992 година за првпат беше воведен приемен испит за запишување на учениците,
така што 420 ученика во I клас се запишаа со претходно положен приемен
испит.
Од 1991 година
за учениците од завршните години е воведен завршен испит, а за
Гимназијата-матурска, која беше укината со воведувањето на насоченото
образование.
Од 2001-2002 година гимназиското образование доживеа нови реформи со
воведување изборни подрачја: хуманистичко-општествено и природни науки и
математика, а се планира и полагање европска матура која ќе овозможи
вклучување на учениците на сите факултети, без полагање
приемни испити.
Прво училишно табло

почеток
сите права се задржани. ©
УЦ "Јосиф
Јосифовски" 2004